AI може да Ви напише содржина. Затоа престанете да пишувате текстови кои AI може да го замени.

Начинот на кој повеќето компании размислуваат за содржински маркетинг (content marketing) е проблематичен. Се уште се прашуваат: „Кој клучен збор да го таргетираме со следниот блог пост?“ Ова не е доволно добро.

Денес, можам да отворам ChatGPT, да напишам прашање и за неколку секунди да добијам сосема пристоен одговор. Можам да побарам објаснување, листа на совети, споредба, чекори за некоја задача или дефиниција на речиси секој основен поим. Ако на Вашата страница пишувате за истото нешто што го има на стотици други страници, зошто читателот треба да дојде на страницата?

И тука доаѓаме до непријатното прашање за содржинскиот маркетинг: ако ВИ може да пишува за она што сакате да го напишете, зошто Вие воопшто да ја пишувате? 

Секако не велам дека треба да престанеме да пишуваме. Но, треба да престанеме да пишуваме содржина која нема причина да постои.

Не ви треба повеќе содржина. Ви треба подобра причина содржината да постои.

Една од најчестите грешки во SEO е да го изедначи бројот на клучни зборови со бројот на потребни страници. Ако имате 500 релевантни клучни зборови, следствено е дека Ви требаат 500 статии. Но анализата на клучни зборови не е стратегија за содржински маркетинг. Таа Ви покажува што пребаруваат луѓето, а не Ви кажува што треба Вие да им кажете.

Пред да креирам нова содржина, јас би поставил многу поедноставно прашање: „Дали оваа содржина е вредна за читателот? Дали може да прочита нешто што не може да го добие како одговор од AI или од пребарување на првите неколку резултати на Google?“

Двапати би размислил пред да пишувам блог за: „да му објасниме што е SEO“, „ќе дадеме 10 совети за Facebook рекламирање“ или „ќе направиме уште една листа од најдобри алатки“. Немојте да ме сватите погрешно, таквата содржина не е бескорисна. Меѓутоа е многу лесно заменлива.

Од друга страна, ако страницата содржи податоци што сте ги собралe, резултати од реален проект, тест што сте го направиле, конкретен процес, оригинално истражување, актуелни информации или искуство кое не може едноставно да се копира од јавни извори, тогаш имате многу посилна причина таа страница да постои.

Мојот филтер за приоритизација на содржина

Нема магична формула за тоа за што треба да пишувате следно. Меѓутоа, секоја идеја за содржина треба да помине низ неколку практични филтри.

1. Дали читателот има причина да ја посети страницата?

Прво ова би се запрашал: Дали има потреба да се посети страницата? Ако AI или Google му ја дадат суштината на одговорот директно во резултатите, зошто корисникот би продолжил на Вашиот веб-сајт?

Ова е особено важно за информативни пребарувања. Статија како „Што е SEO?“ може да има пребарувања во Македонија, но корисникот најчесто ќе ја добие основната дефиниција директно во Google или од ChatGPT.

Но, ако корисникот бара подетално разгледување, конкретен пример, споредба, калкулатор, понуда, резултат од реален проект или следен чекор, ситуацијата е поинаква. Ако ги имате тие податоци, тогаш Вашата веб-страницата има поголема вредност.

2. Дали имам нешто што другите го немаат?

Ако напишете статијата само со информации што сте ги прочитале на други веб-сајтови, тогаш создавате уште една верзија на истата информација. Ова не значи дека секоја реченица мора да биде Бог знае што. Но треба биде нешто што е Ваше: податоци, искуство, анализа, пример, процес, тест, став или заклучок.

3. Дали само јас ја знам оваа информација?

Ова е корисен начин да размислувате за содржина отпорна на AI. Ниедна содржина не е засекогаш е целосно отпорна на AI, но постои содржина за која AI нема сопствен извор. Па може да Ве цитира.

Ако водите компанија, имате пристап до податоци што не се на Google: што прашуваат вашите клиенти, каде грешат, кои услуги најмногу ги купуваат, кои експерименти функционирале, кои не функционирале и какви резултати сте постигнале.

Токму таму лежи Вашата највредна содржина.

4. Дали содржината е поврзана со бизнисот?

Ова често се занемарува поради желбата да се добие повеќе органски сообраќај. Компанијата гледа клучен збор со многу пребарувања месечно и пишува статија, иако темата нема речиси никаква врска со тоа што компанијата го продава.

Најверојатно ќе има повеќе сообраќај, но не и повеќе клиенти. Ова е многу битно. Не сакам луѓето само да ми ја посетат страницата, сакам да создадам содржина која има логична врска со проблемот што компанијата може да го реши.

5. Дали содржината му помага на корисникот да донесе одлука?

Содржината е многу повредна кога му помага на корисникот да направи нешто. Да избере услуга. Да спореди две решенија. Да разбере цена. Да процени дали има проблем. Да види како изгледа процесот. Да побара понуда. Да започне проект.

На пример, „Што е Local SEO?“ е релативно лесна тема за генерализирање. Но „Колку чини Local SEO за мал бизнис во Македонија и што реално добивате за тие пари?“ е сосема поинаков тип на содржина. Таа бара локален контекст, комерцијално разбирање и конкретен став.

6. Колку е вложено за да се создаде содржината?

Оригиналната содржина често е поскапа од генеричкиот блог пост. За добра студија на случај (case study) треба да соберете податоци. За истражување треба да направите анализа. За квалитетна споредба треба да ги тестирате производите или услугите. За практичен водич ќе треба сами да поминете низ целиот процес.

Тоа е во ред. Всушност, инвестицијата и трудот се дел од вредноста.

Ако имате ограничен буџет или ограничено време, подобро е да објавите пет навистина корисни страници отколку педесет просечни статии создадени само за да „покриете клучни зборови“.

Најголема грешка е да произведувате содржина само затоа што го содржи клучниот збор

Истражувањето на клучни зборови е корисно. Намерата на пребарувањето е корисна. Просечните месечни пребарувања, и тие се корисни. Корисна е и анализата на конкуренцијата. Но, кога овие податоци стануваат цел наместо алатка за донесување одлуки, настанува проблем.

Замислете дека имате листа од 300 клучни зборови. Можете механички да ги претворите во 300 пасуси. Но можеби тие 300 клучни зборови всушност се само 30 различни прашања, а дел од нив можат да бидат покриени со една силна страница.

SEO стратегијата не треба да биде „како да создадеме што повеќе URL адреси?“. Треба да биде „кои страници вреди да постојат и зошто?“

Ова станува уште поважно откако корисниците можат да добијат директни одговори од AI системи. Просечната содржина станува полесна за консумирање без да се посети изворот. Затоа вредноста се поместува кон содржина која има причина да биде отворена, прочитана, цитирана или користена.

Што би пишувал наместо генеричка SEO содржина?

Студии на случај и резултати кои сте ги добиле

Пишувајте за она што го правите. Резултатот не мора да биде спектакуларен. Може да биде тест кој не успеал. Може да биде промена која дала неочекуван резултат. Може да биде споредба пред и потоа. Вредноста е во тоа што читателот добива пристап до реално искуство, а не само до теорија.

На пример, наместо „Како да се подобри SEO“, многу посилна содржина би била „Што се случи кога го оптимизиравме овој веб-сајт 90 дена: што работеше, што не работеше и што научивме“. Втората тема има приказна, доказ и конкретен контекст.

Ваши податоци

Ако имате податоци, користете ги. Податоците од вашите кампањи, продажба, клиенти, тестови или истражувања можат да станат основа за содржина која другите едноставно не можат да ја копираат без да направат сопствено истражување.

Дури и мал пример може да биде корисен ако е правилно објаснет. Ако сте поконкретни и ако помалку се потпирате на општи изјави кои можат да бидат генерирани од било кој AI алат, Вашата содржина би имала вредност.

Содржина што води кон акција

Некои од највредните страници не се блог статии. Тоа се страници со цени, калкулатори, алатки, споредби, проценки, понуди, демо форми, аудити, документација и практични ресурси.

Ако корисникот треба да направи нешто, веб-страницата повторно станува важна. AI може да му објасни што треба да направи, но често следниот чекор е да најде конкретен провајдер, алатка, производ или услуга.

Кажете го Вашиот став

Ова е уште една област каде што многу компании се премногу внимателни. Сè е „важно“, „моќно“, „ефективно“, „иновативно“ и „клучно“. На крај текстот изгледа како да не кажува ништо.

Ако имате професионално мислење, кажете го. Само бидете подготвени да го објасните и да го поткрепите. „Оваа SEO тактика не би ја користел во 2026 година“ е многу поинтересна теза од „SEO е важно за секој бизнис“.

За што нема да пишувам?

Би престанал да правам страници само затоа што некоја алатка за клучни зборови ми рекла дека тоа е клучен збор што треба да го таргетирам.

Ова значи дека би бил многу повнимателен со самостојни страници од типот „Што е X?“, со десетици речиси идентични FAQ страници, со генерички „10 совети“ статии и со текстови кои само прераскажуваат нешто што веќе е кажано илјада пати.

Би бил особено внимателен со „Најдобри X“ листи во кои компанијата „случајно“ секогаш се наоѓа на прво место. Ако правите споредба, обидете се навистина да помогнете некому да избере. Ако сте вклучени во листата, објаснете зошто и каде не сте најдобрата опција.

Како да одлучите што да направите следно?

Јас би започнал со постоечката содржина, а не со нови идеи. Направете листа на Вашите најважни страници и за секоја поставете ги истите прашања: дали корисникот има причина да ја посети, дали имате нешто оригинално, дали имате информации од прва рака, дали содржината е важна за бизнисот, дали му помага на корисникот да донесе одлука и колку труд е потребен за да биде корисна.

Прашање Ниска вредност Висока вредност
Причина за посета AI може да го даде одговорот веднаш Корисникот има причина да ја посети страницата
Оригиналност Исти информации како сите други Ваши податоци, искуство или анализа
Ваши податоци Само јавни информации Информации до кои вие имате директен пристап
Поврзано со бизнисот Само сообраќај Поврзано со реален проблем што го решавате
Одлука/акција Само општо информирање Му помага на корисникот да избере или дејствува
Труд Лесно се произведува масовно Бара истражување, тестирање или експертиза

Потоа содржината можете едноставно да ја поделите во четири групи: Инвестирај ако има силен потенцијал и вреди да се вложи дополнителен труд; Подобри ако идејата е добра, но страницата е слаба; Консолидирај ако имате повеќе страници кои покриваат исто прашање; и Отстрани ако страницата нема реална вредност ниту за корисникот ниту за бизнисот.

Ова е многу покорисен процес од тоа само да додавате нови статии секој понеделник.

Еден пример: локален мал бизнис

Да земеме стоматолошка ординација како пример. Страница со наслов „Што е имплант?“ може да биде корисна, но конкуренцијата за таква информација е огромна и AI лесно може да ја сумира. Многу покорисна може да биде страница како „Колку чини забен имплант во Македонија и од што зависи цената?“, затоа што има локален и комерцијален контекст.

Уште подобра содржина би била документирaн случај: како изгледал конкретен третман, кои прашања ги поставувал пациентот, како изгледал процесот и што треба да очекува некој кој размислува за истата услуга. Таквата содржина не е вредна затоа што содржи магичен клучен збор. Вредна е затоа што има информации, контекст и искуство.

Токму ова е разликата меѓу содржина која таргетира пребарување и содржина која заслужува да биде пронајдена.

А што значи ова за SEO?

Google сè уште треба да разбере што нуди вашиот бизнис, кому му служи и за кои прашања е релевантен. Корисниците сè уште имаат потреба од информации, а AI системите сè уште имаат потреба од квалитетни извори кога генерираат одговори. Но ако сите веб-страници го кажуваат истото, разликата повеќе нема да биде во тоа кој успеал да напише уште еден текст од 2.000 зборови.

Разликата ќе биде во тоа кој има нешто реално да каже.

Тоа може да биде сопствено истражување. Може да биде искуство од работа со клиенти. Може да биде оригинална анализа. Може да биде база на податоци. Може да биде практичен инструмент. Може да биде документиран експеримент. Може да биде нешто едноставно што сте го направиле и научиле од него.

Може понекогаш да биде и ситница. Треба да се базира на вистинско искуство.

Не се натпреварувајте со AI во пишување

AI може да креира повеќе текст од било кој човек. Нема смисла да се натпреварувате со него во брзина, обем или способност да прераскажете јавни информации.

Вашата предност е на друго место.

Вие можете да објавите што сте направиле. Што сте тестирале. Што сте измериле. Што не успеало. Што сте научиле. Што вашите клиенти постојано ве прашуваат. Што мислите дека индустријата го прави погрешно. Кои резултати сте ги постигнале. И што би направиле поинаку следниот пат.

AI може да ви помогне да ја структурирате, анализирате или уредите таа информација. Но не треба да ја измислува причината поради која таа содржина е вредна.

Затоа, следниот пат кога ќе ви дојде идеја за нов блог пост, немојте прво да прашате: „Колкав месечни пребарувања има?“

Прашајте: „Зошто некој би сакал ова да го прочита токму од мене?“

Ако имате добар одговор, пишувајте.

Ако немате — можеби не ви треба нова статија.

Similar Posts