Како да проверите дали ChatGPT и другите AI пребарувања ја наоѓаат Вашата компанија
Кога потенцијален клиент има проблем, тој бара решение и најверојатно нема да го напише името на Вашата компанија. Ако му треба стоматолог, нема да бара конкретна ординација, туку ќе праша „Кој работи со импланти во Охрид?“ Ако има проблем со автомобилот, не бара „Автосервис Y“, туку „Кој сервис во Струмица поправа автоматски менувачи?“
Затоа, не е битно дали Вашата компанија ја има на интернет. Побитно е потенцијалниот клиент да Ве најде на интернет кога има конкретна потреба, да разбере што точно нудите и да има причина да Ве разгледа како реален избор кога бара решение за проблемот.
За да проверите дали се појавувате може да ги користите ChatGPT, Google, Gemini и други AI алатки. Нивните одговори често покажуваат дали информациите за вашиот бизнис се доволно јасни, точни, конзистентни и поткрепени со докази.
Не е доволно Вашата компанија да биде присутна онлајн. Треба да биде поврзана со вистинската услуга, вистинската локација и вистинската причина зошто клиентот би Ве избрал.
Споменување не е исто што и препорака
Кога сопственик на компанија ќе постави прашање во ChatGPT и ќе ја види компанијата во одговорот, може да заклучи дека сè е во ред. Но едно обично споменување не значи дека компанијата е видлива кога тоа е важно, во моментот кога купувачот е блиску до одлука, повик, резервација или купување.
Има неколку нивоа на присуство. Првото е кога AI алатката знае само дека Вашата компанија постои. На пример: „Компанијата X се наоѓа во Охрид.“ Тоа е основна информација, но не кажува дали компанијата е релевантна за конкретниот клиент. Второто ниво е релевантност. Тука компанијата е правилно поврзана со услуга, локација и потреба. На пример: „Компанијата X нуди стоматолошки импланти во Охрид.“ Тоа е подобро, бидејќи алатката може да ја поврзе фирмата со конкретната услуга што луѓето ја бараат. Третото ниво е кога компанијата се појавува како опција што вреди да се разгледа. На пример: „За стоматолошки импланти во Охрид, компанијата X е една од опциите што можете да ги разгледате поради нивната специјализација, јасно објаснети услуги и позитивни рецензии.“ Во четвртото ниво, постојат доволно информации и докази за клиентот да разбере зошто компанијата е релевантна за неговата потреба.
| Ниво | Што се случува | Пример |
|---|---|---|
| Споменување | AI ја препознава компанијата. | „Компанијата X се наоѓа во Охрид.“ |
| Релевантност | Компанијата е поврзана со конкретна услуга и локација. | „Компанијата X нуди стоматолошки импланти во Охрид.“ |
| Препорака | Компанијата се појавува како опција што вреди да се разгледа. | „За импланти во Охрид, можете да ги разгледате X, Y и Z.“ |
| Причина за избор | Постојат конкретни информации што ја прават компанијата релевантна и полесна за избор. | Услуги, искуство, квалификации, рецензии, фотографии, случаи или други проверливи докази. |
Разликата е голема. Првата ситуација кажува дека компанијата постои. Втората кажува што работи. Третата ја внесува во потесен избор, а четвртата му помага на купувачот да сфати зошто компанијата е најрелевантна.
Еден локален автосервис, на пример, нема да има корист ако стои само: „Автосервис Z е во Гостивар.“ Многу покорисно е ако некој бара сервис за автоматски менувач и може да види: „Автосервис Z во Гостивар работи дијагностика и поправка на автоматски менувачи.“ А уште покорисно е ако има конкретни докази: објаснета услуга, слики од работата, искуство, рецензии и лесно достапни податоци за контакт.
Почнете од прашањата што носат клиенти
Честа грешка кај компаниите е кога размислуваат во смисол: „Треба да напишеме повеќе блогови за AI.“ Пред да напишете нова статија, пред да менувате веб-страница или пред да платите реклама, треба да разберете кој проблем се обидува да го реши Вашиот клиент и кои прашања си ги поставува.
Како пример ќе земеме стоматолошка ординација во Охрид. Потенцијалните пациенти немаат исти потрби. Еден има забоболка и бара итен термин. Друг размислува за имплант. Трет бара стоматолог за дете. Четвртиот размислува за естетска корекција на забите. Иако сите бараат стоматолог, нивните прашања и причини за избор се различни.
Од овие ситуации произлегуваат прашања кои имаат многу поголема вредност од општи фрази како „добар стоматолог“. На пример:
- Кој нуди стоматолошки импланти во Охрид?
- Кој заболекар во Охрид може итно да ме прегледа?
- Заболекар во Охрид кој работи со деца
- Колку е еден имплант во Охрид?
- Како да направам естетска корекција на заби?
- Кој е добар стоматолог за импланти во Охрид?
Овие прашања немаат иста комерцијална вредност. Прашањето „Што е стоматолошки имплант?“ е информативно, ама „Кој работи со забни импланти во Охрид?“ е многу поблиску до моментот кога клиентот треба да одлучи кому да му се јави.
| Прашање | Близина до одлука |
|---|---|
| Што е стоматолошки имплант? | Ниска |
| Колку чини имплант во Охрид? | Висока |
| Кој нуди импланти во Охрид? | Многу висока |
| Кој е добар стоматолог за импланти во Охрид? | Многу висока |
Практично правило: ако прашањето е блиску до моментот кога клиентот треба да избере, да се јави, да резервира или да купи, важно да знаете дали Вашата компанија се појавува.
Истата логика важи и за други бизниси. Автосервис не треба да се фокусира само на фразата „автосервис во Штип“. Треба да размисли за ситуациите кога клиентите имаат проблем: дефект на автоматски менувач, проблем со мотор, редовен сервис, дијагностика, подготовка пред патување или поправка по незгода.
Адвокатска канцеларија не треба да пишува само дека нуди „правни услуги“. Многу покорисно е да биде јасно дали работи работни спорови, наследство, имотни прашања, основање фирма, договори или застапување пред институции. Клиентот не бара „правна услуга“. Клиентот бара решение за конкретен правен проблем.
Практична задача: Напишете десет прашања што би ги поставил клиентот пред да ве избере. Потоа одберете пет кои се најблиску до вистинска одлука за контакт или купување. Тоа се прашањата што вреди прво да ги тестирате.
Проверете дали Вашата компанија се појавува за тие прашања
Следен чекор е да ги поставите прашањата во ChatGPT и Google и да ги видите одговорите. Не тестирајте само една формулација. Користете неколку природни варијации на истата потреба, бидејќи различно поставено прашање може да исфрли различен резултат.
На пример, за импланти во Охрид можете да проверите: „Кој нуди импланти во Охрид?“, „Каде да направам имплант во Охрид?“, „Кои стоматолози во Охрид работат импланти?“ и „Кој е добар стоматолог за импланти во Охрид?“
За секое прашање запишете:
| Што проверувате | Што да забележите |
|---|---|
| Вашата компанија | Дали се појавува? |
| Контекст | Само спомената, релевантна или препорачана? |
| Конкуренти | Кои компании се појавуваат повторно? |
| Извори | Кои веб-страници или профили се користат? |
| Докази | Со што се поткрепени информациите или препораките? |
Потоа проверете ги податоците за Вашата компанија на интернет
Ова е чекор што често се прескокнува. Ако Вашата компанија не се појавува, немојте веднаш да заклучите дека Ви треба повеќе содржина, повеќе SEO или некоја друга маркетинг активност.
Прво проверете дали на интернет воопшто постојат доволно јасни информации за потенцијалниот клиент и пребарувачките системи да разберат што нудите. Отворете ја Вашата веб-страница, Google Business Profile, Facebook страница и другите јавни профили што потенцијалните клиенти можат да ги најдат.
Потоа запрашајте се дали човек што не ве познава може да добие одговор на следниве прашања:
- Што точно нуди компанијата?
- Во кој град, населба или регион работи?
- За кого е наменета услугата?
- Кои конкретни проблеми ги решава?
- Зошто некој би имал доверба во Вас?
- Има ли јасни докази за искуство, квалификации, проекти или рецензии?
- Може ли клиентот лесно да се јави, да испрати порака или да закаже термин?
Направете брза проверка на доказите
Да земеме пример со фирма за водоинсталатерски услуги во Скопје. На нивната Facebook страница можеби пишува само „водоинсталатерски услуги“ и има телефонски број. Тоа не е доволно. Клиент кој има итен проблем со цевка не знае дали фирмата работи итни интервенции, дали покрива одредени населби, дали работи навечер, дали решава дефекти или прави само нови инсталации.
Ако фирмата има јасна страница со услуги како „итни водоинсталатерски интервенции“, „поправка на протекување“, „одзатнување одводи“ и „инсталација на санитарии“, со градови или населби што ги покрива, реални фотографии, рецензии и лесен начин за контакт, тогаш и луѓето и пребарувачите имаат многу појасна слика.
Тука се гледа вистинскиот проблем: многу компании не се невидливи затоа што немаат доволно содржина. Невидливи се затоа што најважните информации се нецелосни, нејасни, распрснати или застарени.
За едно од најважните прашања на Вашите клиенти, проверете четири работи. Ова е едноставен начин да видите дали проблемот е во видливоста или во информациите што стојат зад неа.
| Прашање | Да | Делумно | Не |
|---|---|---|---|
| Дали услугата е јасно објаснета? | ☐ | ☐ | ☐ |
| Дали е јасно каде ја нудите? | ☐ | ☐ | ☐ |
| Дали е јасно за кого е наменета? | ☐ | ☐ | ☐ |
| Дали постојат докази што го потврдуваат тоа? | ☐ | ☐ | ☐ |
Проверете ги и Вашите конкуренти
Следно прашање не е само „кој е подобро рангиран?“, туку што потенцијалниот клиент може да прочита на интернет за конкурентите, а таквите информации ги нема за Вас?
Ако AI постојано препорачува три други компании, проверете што стои зад тие препораки. Дали конкурентите имаат појасно објаснети услуги? Дали се подобро претставени на Google Maps? Дали имаат повеќе рецензии? Дали имаат конкретни страници за услугите што ги бараат клиентите? Дали други релевантни извори ги споменуваат?
| Информација | Вашата компанија | Конкурент |
|---|---|---|
| Услугата е јасно наведена | Да | Да |
| Локацијата е јасна | Да | Да |
| Специјализација или искуство | Делумно | Јасно |
| Релевантни рецензии | Да | Многу |
| Детално објаснета услуга | Не | Да |
| Јасна причина за избор | Не | Да |
Тогаш проблемот ќе биде многу поконкретен. Не е нужно дека конкурентот „има подобар SEO“. Можно е интернетот едноставно да има повеќе јасни и проверливи информации за него и затоа полесно да го поврзува со конкретната потреба на клиентот.
Пронајдете го вистинскиот јаз
Откако ќе ги проверите прашањата, видливоста, информациите и конкурентите, не брзајте да направите листа од 20 маркетинг задачи. Прво треба да откриете каде точно се губи потенцијалниот клиент.
Јаз во побарувачката – Нема доволно релевантна побарувачка за тоа што планирате да промовирате. Во таков случај, создавањето повеќе содржина или зголемувањето на видливоста нема автоматски да создаде повеќе клиенти.
Јаз во видливоста – Побарувачка има, но Вашата компанија не се појавува често за релевантните прашања, пребарувања или локални резултати.
Јаз во разбирањето – Не е доволно јасно што точно нуди Вашата компанија, за кого е услугата или кој конкретен проблем го решава.
Јаз во довербата – Компанијата е видлива и разбирлива, но нема доволно докази што би му помогнале на потенцијалниот клиент да има доверба и да ја разгледа како сериозна опција.
Јаз во конверзијата – Луѓето Ве наоѓаат и можат да разберат што нудите, но не Ве контактираат, не бараат понуда, резервација или не купуваат.
Не решавајте десет проблеми одеднаш
По една ваква проверка, компаниите се на искушение да направат долга листа на маркетинг активности: нова веб-страница, блогови, Google Business Profile, рецензии, Facebook објави, надворешни линкови, директориуми, реклами, Instagram и уште десет други задачи. Проблемот е што листата создава активност, но не секогаш носи повеќе клиенти.
Ако луѓето бараат услуга, но вашата веб-страница воопшто нема посебна страница за неа, најверојатно имате проблем со разбирањето. На пример, клиника нуди дерматолошки прегледи, но на веб-страницата има само општа реченица „нудиме медицински услуги“. Во тој случај, првата интервенција не е нов блог. Првата интервенција е јасна страница за услуги што објаснува што е прегледот, за кого е, како изгледа процесот, каде се наоѓа клиниката и како се закажува термин.
Ако услугата е добро објаснета, но Google профилот е празен, има погрешна адреса, старо работно време или речиси нема рецензии, тогаш проблемот е повеќе во локалната доверба и видливост. Во таква ситуација, подобрувањето на Google Business Profile, проверката на информациите за контакт и собирањето рецензии може да имаат поголем ефект од пишување нови статии.
Ако бизнисот веќе се појавува во пребарување, има посети и добива повици, но малку луѓе стануваат клиенти, тогаш проблемот можеби не е SEO. Можеби цената не е добро објаснета, понудата е нејасна, одговорот на пораки е бавен или клиентот нема доволно доверба да направи следен чекор.
Не прашувајте само „што можеме да направиме?“. Прашајте „која една промена најмногу може да го намали проблемот што го најдовме?“
Најдобрата интервенција е онаа што го намалува најголемиот деловен јаз. Понекогаш тоа е локална услужна страница. Понекогаш е подобар Google профил. Понекогаш се рецензии и докази. Понекогаш е подобар процес за одговарање на нови прашања. Не почнувајте со десет задачи. Почнете со една промена што има најголема шанса да донесе повеќе релевантни повици, резервации или прашања.
Практичен пример
Да се вратиме на стоматолошката ординација во Охрид. На прашањето „Кој стоматолог во Охрид работи со импланти?“, ординацијата не се појавува, а три конкуренти се појавуваат во повеќе варијации на истото прашање.
Проверката на веб-страницата покажува дека ординацијата навистина работи импланти, но услугата е спомената само во општа листа на стоматолошки услуги. Нема посебна страница која јасно објаснува што нуди ординацијата за импланти, за кого е услугата, како изгледа процесот и зошто пациентот би ја разгледал токму таа ординација.
Во таков случај, заклучокот не треба автоматски да биде „пишувајте повеќе блогови за импланти“. Најпрво треба да се интервенира во подобрување на информациската основа за конкретната услуга: јасна страница за импланти, со релевантни информации, докази, локација и јасен следен чекор.
Потоа истите прашања повторно се тестираат и се следи дали се менува видливоста и што е уште поважно, дали има промена во посети, повици и прашања.
Измерете дали промената направила разлика
Пред да направите промена, запишете ја почетната состојба. На пример, ако тестирате 30 релевантни прашања, можете да следите колку пати Вашата компанија е спомената, колку пати е препорачана и колку често се користат Вашите извори.
| Показател | Пред | По |
|---|---|---|
| Споменување на компанијата | 6/30 | 14/30 |
| Препорака |
Ова се корисни показатели за видливост, но не се крајна цел. На крајот треба да следите што се случува со реалните клиенти: посети на веб-страницата, телефонски повици, пораки, побарувања за понуда, резервации, квалификувани enquiries и нови клиенти.
Направете го овој мини-тест денес
Не ви треба сложен AEO проект за да добиете почетна слика. Одвојте еден час и направете го следново:
- Напишете пет прашања што потенцијален клиент би ги поставил пред да избере компанија како Вашата.
- Поставете ги прашањата во ChatGPT, Google и други алатки што ги користат вашите потенцијални клиенти.
- Запишете дали вашата компанија се појавува, во кој контекст и кои конкуренти се споменуваат.
- Проверете дали вашата веб-страница и јавни профили навистина го потврдуваат она по што сакате да бидете познати.
- Одберете еден најголем проблем: видливост, јасност, доверба или конверзија.
- Направете една конкретна промена наместо да започнете десет маркетинг активности одеднаш.
Не гледајте еден AI одговор како конечна вистина. Одговорите може да се разликуваат зависно од начинот на кој е поставено прашањето, од достапните извори и од моментот кога се прави пребарувањето. Но ако низ повеќе релевантни прашања постојано се појавуваат истите конкуренти, а за вашата компанија нема доволно јасни информации, тоа е силен сигнал дека треба да ја подобрите вашата дигитална основа.
Заклучок: Не прашувајте само дали сте видливи
Не е доволно да знаете дали ChatGPT или Google го споменуваат името на Вашата компанија. Поважни прашања се: за кои потреби на клиентите се појавувате, дали е јасно што точно нудите, дали постојат доволно докази за тоа што го тврдите, дали има причина клиентот да Ве избере и дали има лесен следен чекор за контакт.
Крајната цел не е да добиете повеќе AI споменувања. Целта е повеќе луѓе да Ве пронајдат кога имаат реална потреба, да разберат зошто сте соодветен избор и да направат чекор кон повик, термин, понуда или купување.
Ако не сте сигурни каде ја губите видливоста, разбирањето, довербата или потенцијалните клиенти, побарајте анализа на Вашата онлајн видливост. Таа може да покаже што потенцијалните клиенти, Google и AI алатките можат да разберат за Вашата компанија и што има најголем приоритет да се подобри.
