Дали уделот во цитати е метрика на која треба да ѝ верувате?

Се појавува нова метрика во светот на AI пребарувањето: удел во цитати (Citation Share). Идејата е едноставна. Ако потенцијалните клиенти сè почесто поставуваат прашања до ChatGPT, Gemini, Perplexity и други AI системи, сакаме да знаеме колку често нашиот бизнис, веб-сајт или содржина се појавуваат како извор во тие одговори.

На прв поглед, ова звучи како логична метрика. И може да биде корисна. Но мислам дека тука треба малку да забавиме пред да почнеме да поставуваме цели од типот „мора да стигнеме до 20% удел во цитати“. Сè уште сме во релативно рана фаза на AI пребарувањето и начинот на кој се мери оваа видливост не е доволно стандардизиран за една конкретна бројка да ја третираме како што ја третираме позицијата на Google за одредено пребарување.

Ако не сте видливи, оваа метрика не Ви е потребна

Ова е првата работа што би им ја кажал на компаниите. Ако Вашиот бизнис воопшто не се појавува на Google кога потенцијалниот клиент ја бара услугата што ја нудите, не би се замарал со уделот во цитати. Ако не се појавувате ниту во AI пребарувањето, истото важи и таму. Имате многу поважни работи за завршување.

Да земеме еден едноставен пример. Ако сте автосервис во Струга и некој напише „автосервис Струга“, а Вашиот бизнис го нема меѓу резултатите, првото прашање не е „колкав ми е уделот во цитати?“. Првото прашање е: зошто не сум таму? Дали Google Business Profile е правилно поставен? Дали јасно се наведени услугите? Дали адресата и контактите се точни? Дали веб-сајтот му кажува на Google што точно работите? Дали имате доволно локални сигнали? Дали информациите за Вашиот бизнис се конзистентни на различни места?

Тоа се работите што треба да се решат прво. Нема многу логика да мерите колку често AI системот Ве цитира ако системот сè уште нема доволно причини да Ве препознае како релевантен бизнис.

Еве што ми се случи во пракса

На еден мој другар му го средив Google Business Profile. Пред тоа, неговиот бизнис не се појавуваше ниту на Google ниту во ChatGPT за една конкретна услуга што ја нуди. Го средивме профилот, ги поправивме информациите и направивме неколку основни промени. По само четири часа повторно проверивме. Бизнисот веќе се појавуваше и на Google и во ChatGPT за истата клучна фраза.

Потоа проверувавме со денови. Некогаш бизнисот беше на прво место во препораките, некогаш на второ. Тоа беше интересен пример за тоа колку брзо AI пребарувањето може да реагира кога ќе добие подобри и појасни информации за еден бизнис. Но денес повторно проверив и бизнисот повеќе не е во препораките.

И токму тоа е поентата. Не треба од ова да извлечеме заклучок дека „четири часа работа гарантираат прво место во ChatGPT“. Тоа би било погрешно. Треба да извлечеме друг заклучок: системите се менуваат, резултатите се менуваат, а видливоста не е нешто што еднаш ќе го средите и потоа можете да заборавите на неа.

Затоа мислам дека компаниите не треба да се секираат за метрики кои во моментот не им значат ништо. Но истовремено не треба ни да чекаат AI пребарувањето да стане целосно зрело за да почнат да работат на своето дигитално присуство. Ако Вашата конкуренција веќе почнува да се појавува, а Вие чекате, таа добива предност.

Ако веќе имате видливост, тогаш работата продолжува

Ситуацијата е поинаква ако Вашата компанија веќе има видливост. Ако се појавувате на Google за релевантни пребарувања, имате пристојно поставен Google Business Profile, добивате посети и потенцијалните клиенти можат да Ве најдат, тогаш има смисла да размислувате како да ја зголемите таа видливост.

Тука уделот во цитати може да биде интересен сигнал. Може да проверувате за кои прашања се појавува Вашиот бизнис, за кои не се појавува, кои конкуренти се споменуваат, кои веб-сајтови се користат како извори и каде постои простор за подобрување. Тоа може да Ви даде добра насока за понатамошна работа.

Но сè уште не би го користел како главен индекс на клучни перформанси (KPI). Затоа што резултатот зависи од тоа што точно мерите: кои прашања ги поставувате, колку прашања, кој модел го користите, кој период го анализирате, што точно го сметате за цитирање и како ја пресметувате метриката. Ако ја смените методологијата, може да се смени и бројката.

Не го третирајте како новиот Google ранг

Мислам дека ова е една од најголемите опасности во моментот. Секоја нова технологија носи нови метрики. Некој ќе Ви покаже бројка, бројката изгледа прецизно и веднаш добиваме чувство дека можеме да го контролираме процесот.

Но прецизна бројка не значи автоматски прецизно мерење. Ако една алатка Ви каже дека имате 12% удел во цитати, што точно значи тоа? За кои пребарувања? Во кој AI модел? Во кој период? Според која методологија? И најважното: дали преминот од 12% на 18% донел повеќе повици, пораки, барања за понуда или клиенти?

Ако немаме добар одговор на последното прашање, не би брзал да ја прогласам метриката за главна деловна цел.

Практичен редослед на приоритети

Ако треба да одлучите на што да го потрошите времето и парите, јас би одел по овој редослед. Не затоа што ова е некаква универзална формула, туку затоа што нема смисла да се занимавате со посложени работи ако не е средена основата.

  1. Проверете дали воопшто се појавувате на Google. Пребарајте ги услугите што ги нудите заедно со градот или локацијата каде што работите. Не само името на компанијата.
  2. Средете го Google Business Profile. Проверете категорија, услуги, опис, работно време, телефон, адреса, фотографии, веб-сајт и останатите информации. Ако профилот е празен или има погрешни податоци, тоа е поважна работа од било која AI метрика.
  3. Проверете дали веб-сајтот јасно кажува што работите. Не очекувајте Google или AI системите да погодуваат. Ако нудите поправка на клима уреди, тоа треба јасно да стои на страницата за таа услуга. Ако работите во Струга, и тоа треба да биде јасно.
  4. Направете посебни и квалитетни страници за главните услуги. Една општа страница „Наши услуги“ не мора да биде доволна ако нудите десет различни услуги кои луѓето ги пребаруваат на различен начин.
  5. Проверете ги локалните сигнали и спомнувања. Името на компанијата, адресата, телефонот, веб-сајтот и описот на услугите треба да бидат точни и што е можно поконзистентни таму каде што Вашиот бизнис е релевантно наведен.
  6. Проверете ја структурата и разбирливоста на веб-сајтот. Користете schema markup каде што има смисла, проверете дали страниците може да се прочитаат од пребарувачите и дали важните информации не се скриени зад непотребно комплицирана структура.
  7. Потоа работете на содржина и авторитет. Креирајте содржина која одговара на реални прашања на потенцијалните клиенти и градете релевантни спомнувања и извори кои можат да помогнат да се потврди дека Вашиот бизнис навистина го нуди тоа што го тврдите.
  8. Следете го AI пребарувањето. Кога основата е средена и веќе имате одредена видливост, проверувајте како Вашиот бизнис се појавува во релевантни прашања и каде конкурентите се појавуваат наместо Вас.
  9. Уделот во цитати користете го како дополнителен сигнал. Следете го ако Ви помага да разберете што се случува, но користете иста методологија кога споредувате периоди и не дозволувајте една бројка да ја диктира целата маркетинг стратегија.

Ако сте на Google, но немате повици…

Тука има уште една важна работа која често се заборава. Да се појавувате на Google не значи автоматски дека ќе добивате клиенти. Ако Вашиот бизнис е видлив, но никој не се јавува, можеби проблемот воопшто не е во SEO.

Можеби клиентот ја гледа Вашата компанија, но избира конкурент. Можеби понудата не е јасна. Можеби профилот нема доволно добри фотографии или рецензии. Можеби цената или услугата не се објаснети. Можеби веб-сајтот не создава доверба. А можеби едноставно луѓето што Ве наоѓаат не се вистинските клиенти.

Затоа не би сакал маркетингот да се претвори во бесконечно подобрување на една бројка. Ако Ве има на Google, а нема повици, треба да го најдеме вистинскиот проблем. Можеби треба повеќе видливост. А можеби Ви треба подобра понуда, подобар профил или подобар начин да му покажете на клиентот зошто да Ве избере.

Не чекајте конкуренцијата да Ви покаже дека било време

Ова е мојата порака за малите компании. Не треба да се оптоварувате со секоја нова метрика само затоа што звучи модерно. Но не треба ни да седите со скрстени раце додека пазарот се менува.

Ако денес Вашата конкуренција нема средено ништо, тоа е можност. Ако нема добра веб-страница, среден Google Business Profile, јасно опишани услуги и содржина која одговара на прашањата на клиентите, не мора да чекате сите да го направат истото. Можете да почнете сега и да изградите подобра основа пред тие да сфатат дека треба да го направат тоа.

Унапредувајте го дигиталното присуство додека конкуренцијата спие.

Не затоа што треба да бркате некоја нова маркетинг метрика. Туку затоа што потенцијалните клиенти веќе пребаруваат, а Google и AI системите веќе одлучуваат кои компании ќе им ги покажат.

Ако не знаете каде сте денес и што прво треба да поправите, пишете ни. Ќе го погледнеме Вашето дигитално присуство и ќе Ви кажеме што би поправиле прво — и ако проблемот не е во SEO, ќе Ви го кажеме и тоа.

Similar Posts